Коронарна артериска болест
From Wikipedia, the free encyclopedia
Коронарната артериска болест (КАБ; наречена и атеросклеротична срцева болест) е резултат од акумулација на атероматозни плаки (овие плаки се создадени од холестерол, макрофаги итн.) кои се наоѓаат во ѕидовите на коронарните артерии[5] кои го хранат миокардот (срцевиот мускул) со кислород и нутритиенти. Растењето на овие плаки во луменот на артериите предизвикува стеснување со што се намалува нејзиниот пречник. Иако КАБ е најчестата причина за коронарна срцева болест, сепак и други фактори придонесуваат за нејзиното развивање.
Коронарна артериска болест | |
---|---|
Синоними | Атеросклеротична срцева болест[1] |
Илустрација на која е прикажана атеросклероза во коронарна артерија. | |
Специјалност | Кардиологија, кардиохирургија |
Симптоми | Градна болка, задишување[2] |
Компликации | Срцева слабост, неправилен срцев ритам |
Причинители | Атеросклероза на артериите на срцето |
Ризик-фактори | Висок крвен притисок, пушење, дијабетес, физичка неактивност, гојазност, покачен холестерол во крвта |
Дијагностички метод | Електрокардиограм, кардијален стрес тест, коронарна компјутеризирана томографска ангиографија, коронарен ангиограм |
Превенција | Здрава исхрана, редовно вежбање, одржување на нормална тежина, откажување од пушење |
Третман | Перкутана коронарна интервенција (PCI), коронарна артериска бајпас хирургија (CABG) |
Лекови | Аспирин, бета блокатори, нитроглицерин |
Честота | 110 милиони (2015)[3] |
Смртни случаи | 8.9 милиони (2015)[4] |
КАБ е најчестата причина за смрт низ целиот свет.[6][7] Симптомите и знаците на оваа болест се манифестираат во напреднатиот стадиум,повеќето пациенти се асимптоматски со декади додека болеста прогредира до драматичен исход како што е срцев удар. Низ годините некои од овие атероматозни плаки можат да руптурираат и да го активираат и коагулацискиот систем со што ќе го ограничат протокот на крв во срцевиот мускул. Болеста е честа причина за ненадејна смрт,[8] помеѓу мажи и жени над 20 години.[9] Според Гинисовата книга за рекорди, Северна Ирска е земја со најголем број на заболени од КАБ, за разлика од Масаите во Африка кои скоро и да ја немаат оваа болест.
Како што напредува болеста и се зголемува стеснувањето на луменот на коронарните артерии се развиваат симптомите коишто се последица од исхемија на срцевиот мускул. Во симптоми спаѓаат градна болка,[2] која се јавува при напор во полесните форми, а во мирување во потешките и понапреднати стадиуми на болеста, пулмонарен едем кој исто се јавува во потешките случаи како последица на срцева декомпензација.
Потребно е да се направи разлика меѓу исхемија и инфаркт. Исхемијата значи дека количеството крв кое доаѓа до срцето не е доволно да ги задоволи неговите потреби. Кога миокардот ќе стане исхемичен, тој не може да функционира оптимално. Доколку се намали исхемијата,промените се реверзибилни. Инфарктот е иреверзибилна смрт на миокардниот мускул која е последица на тотален прекин на крвоснабдувањето. Кај пациентот атероматозната плака може да руптурира во било кој стадиум и да доведе до акутна животозагрозувачка состојба како миокарден инфаркт.