Лагранжова точка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Во небесната механика, Лагранжови точки (како и Лагранжиеви точки, L точки, или либрациски точки) се точки во близина на две големи тела во орбитата. Обично, двете тела дејствуваат со неврамнотежена гравитациска сила во одредена точка, со што ја менуваат орбитата на сѐ што се наоѓа во таа точка. Во Лагранжовите точки, гравитациските сили на двете големи тела и центрифугалната сила врамнотежуваат меѓусебе.[1] Поради ова Лагранжовите точки се одлично место за сателити, бидејќи се потребни неколку корекции на орбитата за да се зачува саканата орбита. Малите тела кои орбитираат во Лагранжовите точки се во рамнотежа во барем две насоки во однос на тежиштето на големите тела.
Има пет Лагранжови точки, означени со L1 до L5, и сите се наоѓаат во орбиталната рамнина на двете големи тела, во секоја нивна конфигурација. На пример, има пет Лагранжови точки L1 до L5 за системот Сонце-Земја, и на сличен начин има пет различни Лагранжови точки за системот Земја-Месечина. L1, L2 и L3 се на линијата низ центрите на двете големи тела, додека L4 и L5 делуваат како трето теме на рамностран триаголник кој се формира со центрите на двете големи тела. L4 и L5 се стабилни, што значи дека телата можат да кружат околу нив во ротирачки координатен систем врзан за двете големи тела.
Точките L4 и L5 се стабилни точки и имаат тенденција да привлекуваат тела во нив. Неколку планети имаат тројански астероиди во близина на нивните точки L4 и L5 во однос на Сонцето. Јупитер има повеќе од еден милион вакви тројанци. Вештачките сателити се поставени во L1 и L2 во однос на Сонцето и Земјата и во однос на Земјата и Месечината.[2] Лагранжовите точки се предложени да се употребуваат при истражување на вселената.