Одржлива енергија
принцип на користење на енергијата без компромитирање на потребите на идните генерации / From Wikipedia, the free encyclopedia
Одржлива енергија, понекогаш нарекувана и зелена енергија — енергија произведена и искористена на таков начин што „ги задоволува денешните потреби, без да ја наруши способноста на идните генерации да ги задоволат своите потреби“.[1][2]
Поимот „одржлива енергија“ често се користи како синоним со терминот обновлива енергија. Општо земено, обновливите извори на енергија, како што се сончевата, ветерната и хидроелектричната енергија, се сметаат за одржливи. Сепак, одредени проекти за обновлива енергија, како што е сечењето на шумите за производство на биогорива, може да доведе до слична или полоша штета врз животната средина како и употребата на енергија од фосилните горива. Јадрената енергија е безбеден извор на незагадувачка енергија, но нејзината одржливост е предмет на расправа поради производството на јадрен отпад и ограничените извори на ураниум.
Енергетскиот премин кон исполнување на светските потреби за електрична енергија, греење, ладење и енергија за превоз на одржлив начин се смета за еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото во XXI век. На светско ниво, скоро милијарда луѓе немаат пристап до електрична енергија, а околу 3 милијарди луѓе се потпираат на горива што испуштаат многу чад како дрво, јаглен или животински измет за готвење храна. Овие и фосилните горива се најголем придонесувач за загадувањето на воздухот, што предизвикува околу 7 милиони смртни случаи годишно. Производството и потрошувачката на енергија емитува над 70 % од емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот.
Предложените цели за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 °C, вклучуваат брз премин кон методите за производство на електрична енергија со ниски емисии и промени кон зголемена употреба на електричната енергија во сектори како што е превозот. Целите исто така вклучуваат мерки за намалување на потрошувачката на енергија, со употребата на јаглеродно-неутрални горива, како што е водородното гориво произведено од обновлива електрична енергија или со јаглеродно собирање и складирање.[3] За постигнување на овие цели ќе бидат потребни владини напори, вклучително цената на јаглеродот, специфични енергетски политики и постепено откажување од субвенционирањето на фосилните горива.
Големи количества на ветерна и сончева енергија, кои се непостојани извори на енергија, можат да се додадат во електричната мрежа без дополнителна инфраструктура како што е мрежното енергетско складирање. Овие извори генерирале 8.5 % од светскиот електрицитет во 2019 година, а овој придонес брзо се зголемува.[4] Од 2019 година, трошоците за ветерната и сончевата енергија, како и батериите, се предвидени да паѓаат.