Џими Хендрикс
From Wikipedia, the free encyclopedia
Џејмс Маршал „Џими“ Хендрикс (27 ноември 1942 година, Сиетл, САД – 18 септември 1970 година, Лондон,Британија) — американски гитарист, композитор и пејач на рок и блуз музика, кој извршил огромно влијание врз развојот на рок-музиката. Денес, кај рок критичарите постои консензус дека тој е најголемиот гитарист во историјата на рок-музиката[1][2][3] и еден од највлијателните музичари на неговото време во различни жанрови.[4][5][6]
Џими Хендрикс | |
---|---|
Џими Хендрикс настапува на холандска телевизија во 1967 година | |
Животописни податоци | |
Родено име | Џони Ален Хендрикс, преименуван во Џејмс Маршал Хендрикс |
Роден(а) | 27 ноември 1942(1942-11-27) Сиетл, Вашингтон, САД |
Починал(а) | 18 септември 1970(1970-09-18) (возр. 27) Лондон, Англија |
Жанрови | Психоделичен рок, хард-рок, блуз-рок, есид-рок, фанк-рок |
Занимања | Музичар, текстописец, продуцент, |
Инструменти | Гитара, бас, синтисајзер, ударалки |
Период на активност | 1963–1970 |
Издавачи | RSVP, Track, Barclay, Polydor, Reprise, Capitol, MCA |
Соработници | Little Richard, The Isley Brothers, The Blue Flames, The Jimi Hendrix Experience, Gypsy Sun and Rainbows, Band of Gypsys |
Мреж. место | www.jimihendrix.com
Потпис на Џими Хендрикс |
Значајни инструменти | |
Fender Stratocaster, Gibson Flying V, Gibson SG |
Хендрикс ќе остане забележан и како еден од најголемите иноватори во свирењето на електричната гитара. Така, тој претпочитал употреба на засилувачи со високо ниво на гласност и висока честота со што помогнал во распространувањето на претходно неприфатената техника на ехото од гитарскиот засилувач.[7] Исто така, Хендрикс е заслужен за широката употреба на вах-вах педалата во рок-музиката, која често ја користел во неговите соло изведби, особено со силно истегнување на жиците, сложено свирење гитара и употреба на легато. Како продуцент, Хендрикс ги поставил и темелите за користење на студиото за снимање како можност за проширување на неговите музички идеи. Бил меѓу првите кои експериментирале со стереофонични ефекти со промена на фази за снимање рок-музика.
На Хендрикс влијаеле блуз изведувачи, како што се Би Би Кинг, Мади Вотерс (Muddy Waters), Хаулин Вулф (Howlin' Wolf), Алберт Кинг и Елмор Џејмс,[8][9][10][11] ритам и блуз и соул гитаристите Куртис Мејфилд и Стив Кропер, како и џез гитаристот Вес Монтгомери. Додека свирел и снимал со неговиот бенд од 1 март 1964 година до пролетта во 1965 година, Хендрикс (кој тогаш бил познат како „Морис Џејмс“) почнал да се облекува и да пушта мустаќи како Литл Ричард.[12][13][14] Во 1966 година, Хендрикс изјавил: „Сакам со мојата гитара да го правам истото што го прави Литл Ричард со неговиот глас.“[15]