Диносаурус
From Wikipedia, the free encyclopedia
Диносаурус — група влекачи[заб. 1] од кладот „Диносаурија“ (Dinosauria). Тие првпат се појавиле за време на геолошкиот период тријас, помеѓу 243 и 233,23 милиони години, иако точното потекло и времето на еволуцијата на диносаурусите е предмет на постојани истражувања. Тие станале доминантни копнени ’рбетници пред 201,3 милиони години и нивната доминација продолжила во текот на периодот Јура и Креда. Фосилните записи покажуваат дека птиците се современи пердувести диносауруси, кои еволуирале од претходните тероподи за време на доцната јура. Како такви, птиците биле единствената лоза на диносауруси што го преживеале исчезнувањето во кредно-палеогенскиот настан на изумирање пред околу 66 милиони години. Затоа, диносаурусите можат да се поделат на птичји диносауруси и нептичји диносауруси.
Диносауруси Период: доцен тријас - доцна креда денес се останати нивните потомци, птиците | |
---|---|
Скелети на тираносаурус (лево) и апатосаурус (десно) | |
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
Тип: | Хордови |
Класа: | Влекачи |
(нерангирано): | Орнитодири |
(нерангирано): | Диносаурусолики |
(нерангирано): | Диносаурусовидни |
Надред: | Диносауруси Овен, 1842 |
Редови и подредови | |
|
Диносаурусите се разновидна група на животни од таксономска, морфолошка и еколошка гледна точка. Птиците, со над 10.000 живи видови, се најразновидната група на ’рбетници покрај перциформните риби. Користејќи докази за фосили, палеонтолозите идентификувале над 500 различни родови и повеќе од 1.000 различни видови нептичји диносауруси. Диносаурусите живееле на секој континент а тоа се докажува од принајдените фосилни остатоци и преку постоечките видови птици. Во текот на првата половина на XX век, пред птиците да бидат препознаени како диносауруси, поголемиот дел од научната заедница верувала дека диносаурусите биле слаби и ладнокрвни. Повеќето истражувања спроведени од 1970-тите укажале на тоа дека сите диносауруси биле активни животни со зголемен метаболизам и бројни прилагодувања за социјална интеракција. Некои биле тревојадни, други месојади. Доказите сугерираат дека сите диносауруси гнезделе јајца, и таа градба на гнездо била одлика што ја делеле многу диносауруси, и птичји и нептичји.
Додека диносаурусите биле двоножни, многу изумрени групи вклучувале четириножчни видови, а некои имале можност и да комбинираат. Елаборатните структури на предниот дел, како рогови на пример, се заеднички за сите групи на диносауруси, а некои изумрени групи развиле скелетни модификации како на пример коскени оклопи. Додека денешната преживеана птичја лоза на диносаурусите е генерално мала поради ограничувањата на летот, многу праисториски диносауруси (нептичји и птичји) биле со големо тело - најголемите диносауруси од групата сауроподи (или гуштероноголики) се проценува дека достигнувале 39,7 метри и височина од 18 метри и истите претставувале најголеми копнени животни на сите времиња. Сепак, идејата дека нептичјите диносауруси биле подеднакво гигантски е заблуда заснована делумно на пристрасноста кон зачувување, бидејќи видовите со големи и цврсти коски имаат поголема веројатност да траат сè додека не бидат фосилизирани. Многу диносауруси биле прилично мали: Xixianykus, на пример, бил долг само околу 50 сантиметри.
Од наоѓањето и признавањето на првите фосили на диносауруси на почетокот на 19 век, монтираните фосилни скелети на диносауруси биле главна атракција во музеите ширум светот, а диносаурусите станале траен дел од светската култура. Големината на некои групи диносауруси, како и нивната навидум монструозна и фантастична природа, обезбедиле редовно појавување на диносаурусите во најпродавани книги и филмови, како што е „Паркот Јура“. Постојаниот ентузијазам во јавноста за животните резултирал со значително финансирање на науката за диносаурусите, а новите откритија редовно ги покриваат медиумите.