Доцно тешко бомбардирање
From Wikipedia, the free encyclopedia
Доцното тешко бомбардирање (ДТБ) или месечева катаклизма е претпоставен настан за кој се мисли дека се случил пред приближно 4,1 до 3,8 милијарди години,[1] во ерите на неохадејот и еоархаикот на Земјата. Според хипотезата, во ова временско доба, огромен број на астероиди се судриле со младите земјовидни планети во внатрешниот Сончев Систем (Меркур, Венера, Земјата и Марс).[2] Ова се случило поради присуство на тела создадени на процесите на насобирање и поради планетарна нестабилност на голем број тела во Сончевиот Систем.[3] Иако оваа теорија е општоприфатена,[4] сепак тешко е да се понудат непобитни докази.[5]
Докази за ДТБ има во примероците од Месечината донесени од астронаутите во Аполо мисиите. Преку испитување на датирањето на изотопите (одредување на старост на материјалите преку односот на радиоактивните изотопи во нивниот состав) на карпите од Месечината се заклучило дека сударите се случиле во прилично краток временски интервал. Неколку хипотези се обидуваат да го објаснат зголеменото присуство на ударни фактори (т.е. астероиди и комети) во внатрешниот Сончев Систем во тоа време, но сè уште нема консензус. Моделот Ница, популарен меѓу планетарните научници, претпоставува дека џиновските планети се преселиле и, притоа, ги растроиле телата во астероидниот појас и во Кајперовиот Појас во ексцентрични орбити и на орбиталната патека на земјовидните планети. Други научници тврделе дека податоците од месечевите примерци не укажуваат на настан по кој би се создале катаклизмични кратери пред околу 3,9 милијарди години, туку дека примероците се земени во близина на еден голем ударен басен кој настанал во тоа време.[1] Тие, исто така, забележувале дека стапката на кратерски удари може значително да се разликува помеѓу надворешната и внатрешната зона во Сончевиот Систем.[6]