Економска нееднаквост
From Wikipedia, the free encyclopedia
Економска нееднаквост — диспаритети во дистрибуцијата на доходот меѓу поединците и групите во општеството. Нееднаквоста обично претставува дел од пошироката анализа на сиромаштијата и благосостојбата. Општоприфатено мерило на нееднаквоста е Џиниевиот коефициент, кој се пресметува врз основа на Лоренцовата крива, која е визуелно мерило на нееднаквоста и го покажува процентот од доходот присвоен од страна на најсиромашните проценти од населението. Колку е поголема површината меѓу линијата на совршената еднаквост (дијагоналата) и Лоренцовата крива, толку е поголема нееднаквоста во дистрибуцијата на доходот меѓу населението. Џиниевиот коефициент претставува однос меѓу површината што ја затвораат дијагоналата и Лоренцовата крива и вкупната површина под дијагоналата. Покрај економската нееднаквост помеѓу земјите или државите, постојат важни видови на економска нееднаквост помеѓу различните групи на луѓе[2]. Друг вид на мерка е Индексот на човечки развој прилагоден на нееднаквоста, што е статистички композитен индекс кој ја зема предвид нееднаквоста[3].
Истражувањата сугерираат дека поголема нееднаквост го попречува економскиот раст, а нееднаквоста на земјиштето и човечкиот капитал го намалува растот повеќе од нееднаквоста на приходот[4]. Глобализацијата ја намалува глобалната нееднаквост (меѓу народите), а со тоа ја зголемува и нееднаквоста во рамките на нациите[5].
Македонија спаѓа во редот на земјите со умерено ниво на нееднаквост во дистрибуцијата на доходот. Џиниевиот коефициент, кој во преттранзициониот период изнесувал 22, денес изнесува 35, и е релативно стабилен. Неговиот пораст е резултат, главно, на јакнењето на приватниот сектор, каде што нееднаквоста е значително поизразена. Според нобеловецот Сајмон Кузнец, нивото на економската нееднаквост е резултат на фазата на економскиот развој (Кузнецова крива), што практично значи дека земјите со ниско ниво на економски развој обично се одликуваат со релативно рамномерна дистрибуција на остварениот доход. Таков е примерот и со Република Македонија[6].