Елементи (Евклид)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Елементи (грчки: Στοιχεῖα, Стоихеја) — древно дело за елементарна математика од старогрчкиот научник Евклид од 3 век од старата ера. Евклидовите Елементи содржат 13 книги и претставуваат систематско изложување на тогашната грчка математика по делови: елементарна геометрија, теорија на броевите, алгебра, теорија на мерење на геометриски величини, елементи на теоријата на гранични вредности.
Насловната страница на првата англиска верзија на Евклидовите Елементи на сер Хенри Билингсли, 1570 година. За време на ренесансата, Евклид најчесто се поврзувал со филозофот Евклид од Мегара. | |
Автор | Евклид |
---|---|
Јазик | Стара Грција |
Предмет(и) | Рамнинска геометрија и стереометрија, теорија на броевите, соизмерливост |
Жанр | Математика |
Издадена | околу 300 пр. н. е. |
Страници | 13 книги |
Евклидовите Елементи претставуваат извонреден модел на изградба на геометријата со дедуктивниот метод. Елементарната геометрија, која се изучува во средните училишта во многу земји во светот, малку се разликува од геометријата претставена во Евклидовите Елементи. Меѓутоа, многу дефиниции (точка, права, итн.) во геометријата на Евклид, денес се застарени. Многу аксиоми од геометријата на Евклид денес не се аксиоми. На пример: Евклид го сметал следниов исказ како аксиома: „Сите прави агли се складни“. Денес, во построго дедуктивно изложување на геометријата, се докажува.
Постојат мислења дека низата книги вклучени во Евклидовите Елементи не се напишани од Евклид, туку од други математичари. На пример книгите 10 и 13 според холандскиот математичар Ван дер Верден (Van der Weerden) е напишана од старогрчкиот математичар Теотет. Голем број теореми и геометриски факти наведени во Евклидовите Елементи биле познати долго пред Евклид.
Вообичаено, заедно со овие книги се објавуваат уште две дополнителни книги. тн. XIV и XV за кои може со сигурност да се тврди дека се додадени подоцна и не го претставуваат автентичното дело на Евклид.