Пиксел
From Wikipedia, the free encyclopedia
Пиксел (анг. pixel, од picture element = „сликовен елемент“[1]), сликел (сликовен + елемент) или точка[2] — физичка точка на една растерска слика, или пак најмалиот упатен елемент во состав на еден приказен уред, т.е. најмалото делче од екранот што може да се контролира. Вообичаено е и да се замислува како една од множество точки на екранот. Адресата (наоѓалиштето) на пикселот одговара на неговите физички координати. Пикселите на екраните со течни кристали (LCD) се изработуваат како дводимензионална решетка и се претставуваат со точки и квадрати, но пикселите кај катодните цевки одговараат на нивните механизми и стапки на отчитување. Бројот на пиксели на дадена површина разговорно се нарекува „пикселажа“.
Секој пиксел е мостра (примерок) на изворната слика; со повеќе примероци се добива поточна претстава на сликата. Јачината на секој пиксел се разликува од еден до друг метод. Кај системите во боја, бојата е претставена со три до четири составни јачини како црвена, зелена и сина или цијан, магента, жолта и црна.
Во некои ситуации (на пр. при опишување на сетилниците на фотоапаратите), поимот „пиксел“ се однесува на поединечен скаларен елемент од повеќеделната претстава на сликата, додека пак во други поимот се однесува на целиот комплет од јачини за дадено место во просторот. Кај системите со бојно мострирање (sampling), повеќеделното поимување на пикселот е несоодветно, бидејќи јачината на различните составни делови одговара на различни просторни подрачја.