Прво Мексиканско Царство
мексиканската држава од 1821 до 1823 година / From Wikipedia, the free encyclopedia
Мексиканско Царство (шпански: Imperio Mexicano) ― прва независна мексиканска држава која била основана како уставна монархија, и единствена поранешна колонија од Шпанското Царство која по независноста воспоставила монархиски систем на владеење. Мексиканското Царство било една од ретките независни монархии во Америка, заедно со долготрајното Бразилско Царство (1822-1889) и Првото Хаиќанско Царство (1804-1806). Обично се нарекува Прво Мексиканско Царство за да се направи дистинкција од Второто Мексиканско Царство со кое владеел царот Максимилијан (1864–1867).
Последниот шпански вицекрал во септември 1821 година го потпишал Договорот од Кордоба по што била создадена првата независна мексиканска држава. Поранешниот воен офицер Агустин де Итурбиде, кој владеел како Агустин I, бил единствениот монарх на ова царство. Итурбиде уживал голема популарност во војската и меѓу народот; Конгресот го изгласал за цар, а бил крунисан во јули 1822 година на раскошна церемонија.
Царството во текот на своето кратко постоење се соочувало со несогласувања меѓу конгресот и царот и со банкрот. Итурбиде го распуштил конгресот во октомври 1822 година, и го заменил со хунта од свои поддржувачи. Веќе во декември истата година почнал да ја губи поддршката од војската, која се побунила, покрај другото, и за обновувањето на конгресот. Откако не успеал да го потисне бунтот, царот Агустин во март 1823 година повторно го свикал конгресот и абдицирал. Власта потоа ја презела Привремената мексиканска влада која ја укинала монархијата и ја создала Мексиканската Република.