Рибозомна РНК
From Wikipedia, the free encyclopedia
Рибозомната рибонуклеинска киселина (рРНК) е РНК компонента на рибозомот, и е од суштинско значење за синтезата на белковините во сите живи организми. Таа е доминантната градбена компонента на рибозомот, кој, во однос на масата, е составен од околу 60% рРНК и 40% белковини. Рибозомот е изграден од две главни рРНК молекули и 50 или повеќе рибозомни белковини.[1]
Едната од двете главни рРНК молекули ја формира големата подединица на рибозомот, додека другата ја формира малата подединица на рибозомот. Големата подединица игра улога на рибозим и го катализира формирањето на пептидна врска помеѓу аминокиселини.[2] Низите на рРНК молекулите се користат за одредување на еволутивните односи меѓу различните видови на организми, бидејќи тие имаат древно потекло и се наоѓаат во сите познати форми на живот.