Рој Орбисон
американски музичар (1936 – 1988) / From Wikipedia, the free encyclopedia
Рој Келтон Орбисон (англ. Roy Kelton Orbison; 23 април 1936 – 6 декември 1988) ― американски пејач, текстописец и гитарист. Орбисон претежно пеел рок-песни, а најголем успех имал во раните 1960-ти и доцните 1980-ти. Поради оперскиот глас музичките критичари го нарекувале „Карузо на рокот“ и „Големиот О“. Настапувал со минимални движења на сцената и во црна облека која била во склад со неговата обоена црна коса и темните очила за сонце.
Орбисон е роден во Тексас и уште како тинејџер почнал да пее во рокабили и кантри-групи. Останал запаметен по неговите големи хитови: „Only the Lonely“ (1960), „Running Scared“ (1961), „Crying“ (1961), „In Dreams“ (1963) и „Oh, Pretty Woman“ (1964).
Во втората половина од 1960-тите, Орбисон доживеал многу семејни трагедии, а неговата популарност почнала да опаѓа. Повторно станал популарен во 1980-тите. Во 1988 година, тој бил коосновач на супергрупата „Traveling Wilburys“ со Џорџ Харисон, Боб Дилан, Том Пети и Џеф Лин. Орбисон починал од срцев удар во декември истата година, на 52-годишна возраст. Еден месец подоцна, неговата песна „You Got It“ (1989) била објавена како соло-сингл; станала негова прва песна која по речиси 25 години се пласирала во топ-10 во САД и во Велика Британија.
Во 1987 година, Орбисон бил примен во Куќата на славните на рокенролот и Куќата на славата на текстописците во Нешвил, во 1989 година во Куќата на славните текстописци и во 2014 година во Куќата и музејот на славните музичари. Добил Греми награда за животно дело и уште пет други Греми награди. Ролинг Стоун го ставил на 37-то место на неговиот список од „Најдобрите музичари на сите времиња“ и на 13-то место на списокот од „100 најдобри пејачи на сите времиња“. Во 2002 година, списанието Билборд го ставило на 74 место на нивната листа од „Топ-600 изведувачи“.