Сончев ветар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Сончев ветар е струење од наелектризирани честички ослободени од горната атмосфера на Сонцето, наречена корона. Оваа плазма претежно се состои од електрони, протони и алфа-честички со кинетичка енергија помеѓу 0,5 и 10 кеV. Во составот на плазмата на сончевиот ветар има и мешавина од материјали кои се наоѓаат во соларната плазма: траги од тешки јони и атомски јадра од јаглерод, азот, кислород, неон, магнезиум, силициум, сулфур и железо. Има и траги во помали количини од други јадра и изотопи како: P, Ti, Cr, 54Fe и 56Fe и 58Ni, 60Ni и 62Ni.[2] Густината, температурата и брзината, на сончевиот ветар слабее со текот на времето, и се различни во зависност од сончевата географска ширина и должина. Честичките од Сонцето можат да побегнат од неговата гравитација поради големата енергија како резултат на високата температура на короната, која што пак е резултат на коронарното магнетно поле.
На растојание од неколку сончеви полупречници од Сонцето, брзината на сончевиот ветар достигнува од 250–750 km/s и е надзвучен,[3] што значи дека се движи побрзо од брзината на брзиот магнетосоничен бран. Во точката кај терминалниот шок брзината на сончевиот ветар престанува да биде надзвучна. Сончевиот ветар предизвикува природни појави како: поларна светлина (на северниот и јужниот пол), плазма опашки на кометите кои секогаш се насочени обратно од Сонцето и геомагнетни бури кои можат да ги променат насоките на линиите во магнетното поле.