Соул-музика
From Wikipedia, the free encyclopedia
Соул-музика ― популарен музички жанр кој потекнува од афроамериканската заедница во САД и кој се развил кон крајот на 1950-тите.[1] Влече корени од афроамериканската госпел музика и ритам и блуз.[2] Меѓу најзначајни издавачки куќи од овој музички жанр биле: Motown, Atlantic и Stax; издавачките куќи биле исто така влијателни за време на американското движење за граѓански права. Соул-музиката станала популарна низ цел свет, и директно влијаела на рок-музиката и музиката од Африка.[3] Некои музичари како Ерика Баду го оживеале овој жанр, преку создавање на нов жанр наречен нео-соул.[4]
Привлечниот ритам, нагласен со ракоплескање и изразени движења на телото, се важна карактеристика на соул-музиката. Други карактеристики се прашања и одговор меѓу првиот вокал и придружните вокали (или хорот) и изразената тензија на гласот.[5] Соул музиката, исто така, во себе вклучува и различни елементи од други музички жанрови како госпел-музика, ритам и блуз и џез.[6]
Соул музиката доминирала на американската ар-ен-би листа во 1960-тите, а многу песни преминале и на поп-листите во САД, Британија и на други места. Во 1968 година, соул-музиката како жанр почнала да се разгранува. Некои соул-музичари ја создале фанк-музиката, а други пејачи и групи почнале да креирааат понежни, пософистицирани, и во некои случаи и политички ориентирани вариетети.[7] Многу соул-пејачи стекнале популарност поради доминацијата на соул-музиката на ар-ен-би топ листите. Меѓу нив се вбројуваат: Реј Чарлс, Џејмс Браун и соул-групата Temptations.[8] На почетокот од 1970-тите, соул-музиката била под влијание на психоделичен и прогресивен рок што довело до појавата на психоделичен и прогресивен соул. Во 1994 во САД се појавил нео-соулот. Исто така, постојат неколку други поджанрови и гранки на соул музиката.