Струевит слој
From Wikipedia, the free encyclopedia
Струевит слој (конвективна зона) — слој на една ѕвезда во кој енергијата се пренесува по пат на струење. Во зрачниот слој, таа се пренесува преку зрачење и спроводливост.
Ѕвезденото струење претставува масовно движење на плазма во ѕвездата, која образува кружна струја каде затоплената плазма се искачува, а разладената плазма се спушта.
Шварцшилдовиот критериум ги изразува условите под кои подрачјето на една ѕвезда е нестабилно поради струење. Извесна количина гас која се малку се крева доаѓа во место со понизок притисок. Како последица од ова, гасот се шири и се разладува. Доколку искачувачкиот гас стане постуден од неговата околина (така што ќе добие поголема густина од околниот гас), тогаш недостатокот на пловност ќе го натежне надолу, од каде што дошол. Меѓутоа, ако температурниот градиент е доволно стрмен (т.е. температурата се менува брзо со оглед на растојанието до ѕвезденото средиште), или ако гасот има многу висок топлински капацитет (т.е. неговата температура се менува релативно бавно додека се шири), тогаш искачувачкиот гас ќе остане потопол и поредок од новото опкружување дури и по ширењето и разладувањето. Пловноста тогаш ќе му наложи и понатаму да се качува. Ова се одвива во подрачјето наречено струевит слој.