Хемиска реакција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Хемиска реакција — процес во кој едни хемиски соединенија се претвораат во други,[1] односно процес во кој доаѓа до изменување на составот на определена супстаницја.[2] Во реакција можат да стапат и хемиски елементи. Хемиските реакции обично вклучуваат промени во хемиските врски во молекулите или кристалите. За време на една хемиска реакција се менуваат својствата на производите (производи) добиени од таа реакција во однос на реактантите кои влегувале во реакцијата. Реактантите и производите се учесниците во хемиската реакција. За хемиски реакции не се сметаат физичките процеси при кои доаѓа до промена само на физичката состојба, како на пример топење или испарување, дифузија, мешање на чисти супстанци и смеси во јадрените реакции, при кои елементите се трансформираат едни во други.
При секоја хемиска реакција, количеството на некоја супстанција (или на неколку супстанции) се намалува, а количеството на друга супстанција (или супстанции) се зголемува. Притоа, ако се намалува количеството само на една супстанција, таа се нарекува реактант, а ако пак тоа се случува со повеќе супстанции, тогаш во реакцијата посотјат повеќе реактанти. Слично, ако во реакцијата се зголемува количеството само на една супстанција, таа се нарекува продукт на реакцијата, а ако се зголемуваат количествата на неколку супстанции, тогаш постојат повеќе продукти на реакцијата. Кога ќе престане изменувањето на количествата на учесниците во реакцијата, тоа го означува крајот на хемиската реакција.[3]
Обично реакциите се состојат од многу сложена последователност на поединечни чекори, т.н. елементарни реакции, кои сите заедно ја образуваат целосната реакција. Информациите за целосната последователност на чекорите го чинат механизмот на реакцијата. За опишување на хемиските реакции се користи хемиска равенка при што реактантите, производите и понекогаш важните меѓупроизводи се претставуваат графички и се поврзуваат со реакциона стрелка.
Елементарните реакции и механизмите на реакцијата можат да се поделат на различни групи. Елементарните реакции го опишуваат распадот на една молекула на две или обратно, синтеза на два атома или молекули во едно. Механизмите на реакција обично се делат според типот на промената на супстанците кои стапуваат во реакција. Ако се менува оксидациониот број, тогаш зборуваме за оксидација и редукција.
Степенот до кој се одвива дадена реакција меѓу два или повеќе учесници зависи од тоа колку е голема разликата меѓу енталпијата и ентропијата кои ја сочинуваат Гибсовата слободна енергија на реактантите и производите. При негативни вредности, реакционата рамнотежа лежи на страната на производите.