Олимписки спортови
From Wikipedia, the free encyclopedia
Олимписки спортови се спортови кои се дел од Летните и Зимските олимписки игри. На Летните олимписки игри 2012 биле вклучени 26 спортови, а два дополнителни спортови ќе бидат додадени за Летните олимписки игри 2016. Зимските олимписки игри 2014 вклучувале седум спортови.[1] Бројот и видот на дисциплините може да се менува незначително од една на друга олимпијада. Секој олимписки спорт е претставен од меѓународно раководно тело, наречено меѓународна федерација.[2] Меѓународниот олимписки комитет (МОК) воспоставува хиерархија на спортови и дисциплини.[2] Според оваа хиерархија, олимписките спортови можат да бидат поделени на повеќе спортови, кои често се сметаат за различни спортови. Таков пример се пливањето и ватерполото (кои се подспортови на водените спортови, претставени од ФИНА),[3] или уметничкото лизгање и брзото лизгање (подспортови на лизгање, претставени од меѓународната лизгачка организација).[4] Од своја страна, овие спортови можат да се поделат во различни дисциплини, за кои всушност се доделуваат медали.[2] За еден спорт да биде вклучен во официјалната олимписка програма, тој треба широко да се применува во светот и да биде управуван од соодветна спортска федерација.
Претходните изданија на Олимписките игри вклучувале спортови кои повеќе не се дел од официјалната олимписка програма, како поло и влечење јаже.[5] Овие спортови биле подоцна отстранети или поради недостаток на интерес или поради непостоење на соодветно раководно тело.[2] Стреличарство и тенис се пример на спортови кои биле практикувани на раните игри и биле отстранети од МОК, но подоцна повторно успеале да се вратат на програмата (во 1972 и 1988 редоследно). Показните спортови често биле вклучени на Олимписките игри, обично за промоција на локален спорт од страна на градот домаќин или за да се измери интерсот и поддршката за спортот.[6] Некои такви спортови, како бејзбол и карлинг, биле додадени во официјалната олимписка програма (во 1992 и 1998 редоследно). Сепак, бејзболот бил отстранет од програмата по Летните олимписки игри 2008.