Орбитална резонанца
From Wikipedia, the free encyclopedia
Во небесната механика, орбитална резонанца се јавува кога телата кои орбитираат вршат меѓусебно редовно, периодично гравитациско влијание, обично затоа што нивните орбитални периоди се поврзани со однос на мали цели броеви. Најчесто, оваа врска се наоѓа помеѓу неколку тела. Физичкиот принцип зад орбиталната резонанца е сличен на концептот на туркање дете на нишалка, при што орбитата и нишалката имаат природна честота, а телото што „турка“ делува со периодично повторување за да има кумулативен ефект врз движењето. Орбиталните резонанци во голема мера го подобруваат взаемното гравитациско влијание на телата (т.е. нивната способност меѓусебно да ги менуваат или ограничуваат орбитите). Во повеќето случаи, ова предизвикува нестабилно взаемно дејство, во кое телата разменуваат импулс и ги менуваат орбитите сè додека резонанцата ја снема. Во одредени усови, резонантниот систем може да биде самокорегирачки и на тој начин да стане стабилен. Вакви примери се 1:2:4 резонанцата меѓу месечините на Јупитер Ганимед, Европа и Ија, и 2:3 резонанцата помеѓу Плутон и Нептун. Нестабилните резонанци на Сатурновите внатрешни месечини ги предизвикуваат јазовите кај Сатурновите прстени. Посебниот случај на резонанца 1:1 помеѓу тела со слични орбитални пречници предизвикува големите тела од Сончевиот Систем најчесто да ги исфрлаат другите тела со кои ја споделуваат орбитата; ова е дел од многу пообемниот процес на расчистување на соседството, ефект што се користи во сегашната дефиниција за планета.[1]
Соодносот на бинарна резонанца во оваа статија треба да се толкува како однос на бројот на револуции завршени во ист временски интервал, а не како однос меѓу орбиталните периоди, што би бил реципрочен однос. Така, погоре опишаниот однос од 2:3 значи дека Плутон двапати кружи околу Сонцето за времето што му е потребно на Нептун да направи три круга. При резонанца меѓу три или повеќе тела, може да се користат двата типа на однос, а типот на односот ќе биде наведен.