Средновековна филозофија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Средновековната филозофија — филозофијата за време на средниот век, период кој грубо се протега од паѓањето на Западното Римско Царство во V век од нашата ера па сè до ренесансата во XVI век. Средновековната филозофија се сфаќа како проект на независнo филозофскo истражување, започнат во Багдад, во средината на VIII век и во Франција, во последната четвртина на VIII век.[1] Таа се сфаќа во главно како процес на повторно откривање на античката култура развиена во Грција и Рим во класичниот период и како алатка за решавање на теолошките проблеми.
Историјата на средновековната филозофија е традиционално поделена на два главни периоди: периодот во латинскиот запад проследен со раниот среден век сè до XII век, кога делата на Аристотел и Платон биле зачувани и култивирани и „златното доба“ на XII, XIII и XIV век во латинскиот запад, кои сведочат за кулминацијата на враќањето на античката филозофија, заедно со значајните развивања во полињата на: филозофијата на религијата, логиката и метафизиката.
Средниот век бил омаловажуван од страна на ренесансните хуманисти, кои го гледале како варварски ‘среден’ период помеѓу класичното време на грчката и римската култура и преродувањето или ренесансата на класичната култура. Современите историчари го сметаат средниот век за период на значителен филозофски развој, иако бил под влијание на христијанската теологија. Еден од најзначајните мислители на овој период, Тома Аквински, никогаш не се сметал себе за филозоф.[2]
Проблемите за коишто се зборувало во овој период се односот на верата и разумот, расправите околу божјото постоење, целта на теологијата и метафизиката, а особено важен проблем е расправата за онтолошкиот статус на универзалиите или општите поими.[3]