Атентат врз Франц Фердинанд
From Wikipedia, the free encyclopedia
Атентатот врз надвојводата Франц Фердинанд од Австрија — Сараевски атентат кој довел до избувнувањето на Првата светска војна се случил на 28 јуни 1914 во Сараево, во тогашна Австроунгарија. Надвојводата Франц Фердинанд, кој бил и престолонаследник на австроунгарскиот престол, патувал со својата сопруга Софи, војвотка од Хохенберг во отворен автомобил, и двајцата биле застрелани и убиени од Гаврило Принцип, еден од групата од шест заговорници предводени од Данило Илиќ.[1]
Атентат врз надвојводата Франц Фердинанд од Австрија и Софи, војвотката од Хохенберг | |
---|---|
Место | Во близина на Латинскиот мост, Сараево (43.857917° СГШ; 18.42875° ИГД / 43.857917; 18.42875) |
Датум | 28 јуни 1914 |
Политичката цел на атентатот била да се принуди Австроунгарија да се повлече од јужно-словенските територии, за да се овозможи создавање на Голема Србија или Југославија.[2] Атентаторот му припаѓал на движењето што подоцна станало познато како Млада Босна и кое се залагало за приклучување на Босна кон нова јужно-словенска држава - Југославија. Наредбодавец на овие млади заговорници бил шефот на српското разузнавање Драгутин Димитријевиќ-Апис. Неговите луѓе ги наоружале атентаторите со бомби и пиштоли, и им дале обука за ракување со оружјето и за атентатот.
Атентаторите и заговорниците кои биле уапсени, осудени и казнети во Сараево во октомври 1914, а останатите ги осудила Србија во 1916-1917 година, во привремен суд во Солун, тогаш под француска окупација. Она што се знае за атентатот главно доаѓа од овие судења. Иницијаторите и причините за атентатот се многу деликатно прашање, бидејќи овој настан довел до почетокот на Првата светска војна, кога Австроунгарија, предизвикана од атентатот, ѝ објавила војна и ја нападнала Србија еден месец подоцна.[3]
Австријската полиција брзо ги фатила заговорниците во атентатот, и тие биле осудени во октомври 1914 во Сараево:
Име | Казна |
---|---|
Гаврило Принцип | 20 години (умрел во затвор од туберкулоза на 28 април 1918) |
Недељко Чабриновиќ | 20 години (умрел во затвор од туберкулоза на 23 јануари 1916) |
Трифун Грабеж | 20 години (умрел во затвор од туберкулоза во февруари 1918) |
Васо Чубриловиќ | 16 години (ослободен во ноември 1918; умрел 1990) |
Цвјетко Поповиќ | 13 години (ослободен во ноември 1918) |
Лазар Ѓукиќ | 10 години |
Данило Илиќ | Смрт со бесење (погубен на 3 февруари 1915) |
Вељко Чубриловиќ | Смрт со бесење (погубен на 3 февруари 1915) |
Неѓо Керовиќ | Смрт со бесење; преиначена во 20 години затвор |
Михајло Јовановиќ | Смрт со бесење (погубен на 3 февруари 1915) |
Јаков Миловиќ | Смрт со бесење; преиначена во доживотен затвор |
Митар Керовиќ | Доживотен затвор |
Иво Крањчевиќ | 10 години затвор |
Бранко Загорац | 3 години затвор |
Марко Перин | 3 години затвор |
Цвијан Степановиќ | 7 години затвор |
Девет други обвинети | Ослободени |
Димитријевиќ признал дека тој го организирал атентатот и изгледа дека тоа го направил на своја рака. Австроунгарските извори пак, велат дека в.д. премиерот на Србија Никола Пашиќ бил информиран за подготовката на атентатот и се обидел да ја предупреди австријската влада преку амбасадорот во Виена, но тоа предупредување не било земено сериозно.[4] Шефот на разузнавањето Димитријевиќ и неговите подредени кои учествувале во организацијата на атентатот биле осудени на судењето во Солун во 1916 - 1917 :
Име | Казна |
---|---|
Драгутин Димитријевиќ | Смрт со стрелање, погубен на 26 јуни 1917 |
Полковник Љуба Вуловиќ | Смрт со стрелање, погубен на 26 јуни 1917 |
Раде Малобабиќ | Смрт со стрелање, погубен на 26 јуни 1917 |
Мухамед Мехмедбашиќ | 15 години затвор (ослободен во 1919) |