Астероид од типот M
From Wikipedia, the free encyclopedia
Астероиди од типот M — вид на астероиди со делумно познат состав и умерена сјајност (албедо од 0,1–0,2). Некои од нив се сочинети од никел–железо, чисти или мешани со помало количество камен. Се сметаат дека се парчиња од метални јадра на издиференцирани астероиди разбиени со удар, и дека од нив потекнуваат железните метеорити. Астероидите од типот M се трети по застапеност.
Постојат и онакви чиј состав е непознат. На пример, 22 Калиопа има точно позната густина која е премала за целовидно метално тело, па дури и за метален збировит отпад: на збировит отпад од железно-никелов метал би му требала порозност 70 %, што не одговара на потребната склопеност. 22 Калиопа и 21 Лутеција во нивните спектри покажуваат присуство на хидратациски минерали[2] и силикати,[3] аномално мали радарски албеда нескладни со метална површина,[4] како и одлики почесто кај астероидите од типот C. Разни други астероиди од типот M не одговараат на оваа слика за метално тело.
Спектрите на астероидите од типот M се рамни и црвеникави, обично без големи особини, но понекогаш се присутни помалку изразени впивни особини со должина од 0,55 до 0,75 μм.[5]