Микрообработувач
From Wikipedia, the free encyclopedia
Микрообработувач или микропроцесор[1][2] (од анг. microprocessor) — главниот дел од сметачот кој е задолжен за извршувањето на наредбите и сметачките програми. Тоа е микрочип кој извршува аритметичко-логички операции. Првите микрообработувачи се произведени на почетокот на 70-тите години за употреба во дигитрони користејќи 4-битни зборови. Од тогаш па досега микрообработувачите бележат постојан развој достигнувајќи 64-битна должина на зборовите и неколку гигахерци работна честота.
Микрообработувачите работат со битови, односно просто речено има струја или нема струја. Користат 3 вида на магистрали и тоа адресна, податочна и контролна. За негова успешна работа мора да е поврзан со сметачко памтење и влезно-излезни единици.
Микрообработувачите физички се изградени од милиони делови од силициум. Силициумот се користи бидејќи е полуспроводник, па соодветно при различни услови може да биде или проводник или изолатор. Тој содржи милиони транзистори меѓусебно поврзани со тенки жици од алуминиум или бакар. Големината на транзисторите со текот на развитокот се менувала од неколку микрометри па стигна сè до моменталната 45 нм (нанометарска) технологија која се користи денес.
За директно програмирање на микрообработувачот програмерите користат составувачки јазик (уште наречен и „асемблер“ или машински јазик) за комуникација со програмите и нивните задачи. Во денешно време за програмирање може да се искористи кој било од поновите програмски јазици кои имаат соодветен преведувач во машински јазик. Но внатре во микрообработувачот се користи микројазик, врежан во ROM памтењето на микрообработувачот. Микројазикот е микронаредба која е помала и поедноставна наредба од асемблерската, која има за цел отворање на одредени порти (врски) во одреден временски момент, внатре во магистралите на обработувачот, при што се активираат одредени памтилни регистри. Составена низа од такви микронаредби дава една составувачка наредба.