Поет
From Wikipedia, the free encyclopedia
Поет[1][2] (грчки: ποιητής, латински: poeta) — личност која пишува поезија односно песни.
Поетите општо се сметаат за најстари писатели, имајќи предвид дека најстарите култури и цивилизации ги запишале своите идеи - религиозни, филозофски, правни, морални и политички - во облик на песни, кои често се пренесувале усно од колено на колено. Примери за ова се светите книги на Индијците - Ведите и Упанишадите, како и хебрејското Свето писмо, кои содржат многу делови во стихови. Првите поети често биле свештеници, а малку подоцна, во античкиот период, дури и најсложените филозофски идеи, па дури и научни дела биле претставувани во облик на песни.
Во денешно време, поет често се сфаќа како писател кој е надарен да претстави одредени апстрактни идеи или идеали на симболичен, но лесно разбирлив и естетски вреден начин за својата околина.
Некои држави имале, а некои сè уште имаат институција на официјален државен поет.