Фосилно гориво
From Wikipedia, the free encyclopedia
Фосилно гориво е гориво кое настанало како резултат на хемиска преобразба на фосили од растенија или животни. Хемиски, фосилните горива се јаглеводороди. Поради начинот на кој настанале се наоѓаат во горниот дел од кората на Земјата.
Под името фосилни горива се опфаќаат многу различни јаглеводороди: од лесно запаливиот гас метан, преку суровата нафта, до антраценот (вид на јаглен), кој е речиси 100 % јаглерод.
Општо е прифатено дека фосилните горива се создадени од фосилизирани остатови од умрени растенија и животни[1], преку изложување на топлина и притисок во Земјината кора во текот на стотици милиони години. Оваа биогена теорија е претставена од Михаил Ломоносов во 1757.[2]
Во 2005, Агенцијата за информации за енергија на САД проценила дека 86 % од вкупното производство на енергија во светот е од фосилни горива, 6,3 % од хидропотенцијал, 6% од јадрена енергија, а сите останати (геотермална, сончева, ветер, отпад) сочинуваат 0,9%.[3]
Фосилните горива не се обновливи ресурси бидејќи потребни се милиони години за да се создадат, а резервите се трошат многу побрзо. Постојаните потребни за снабдувањето со фосилни горива е една од причините за регионални и глобални конфликти.
Употребата на фосилните горива е штетна за животната средина. Гасовите што се создаваат при согорувањето се во еден дел отровни за човекот. Покрај тоа, согорувањето на фосилните горива произведува околу 21,3 милиони тони јаглерод диоксид годишно, но се проценува дека природните процеси можат да апсорбираат само половина од тоа количество.).[4] Преостанатиот јаглерод диоксид останува во атмосферата и претставува главен причинител на ефектот на стаклена градина, што го предизвикува глобалното затоплување.
Поради штетноста по здравјето, глобалното затоплување, и ограниченоста на резервите, во светот сѐ повеќе се зборува за напуштање на фосилните горива и изнаоѓање на алтернативни обновливи извори на енергија.